Elvır Hodzıc
28 Јануари 2025•Ажурирај: 29 Јануари 2025
БЕЛГРАД (АА) - Завршена е блокадата на сообраќајната клучка во центарот на Белград, студентите се враќаат на факултетите, а како последица на вчерашните случувања во Нови Сад, кога беа нападнати студентите кои протестираат, претседателот на Владата на Србија, Милош Вучевиќ, поднесе оставка, јавува Анадолу.
Студентите и обезбедувањето се групираат и се подготвуваат за заминување на факултетите по 24-часовната блокада на Автокоманда.
Полицијата го координира повлекувањето на студентите од една од најфреквентните сообраќајници во главниот град на Србија.
Блокадата помина мирно, а студентите го кренаа државното знаме на Србија.
По генералниот штрајк во петокот, на кој се одзваа голем број граѓани и фирми, вчера студентите најавија радикализација на протестот во форма на еднодневна блокада на сообраќајната клучка позната како Автокоманда.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа најави реконструкција на Владата, во која ќе бидат сменети повеќе од половина министри поради протестите што траат во таа земја повеќе од два месеца.
„Мораме да продолжиме да работиме, земјата мора да функционира, затоа моето барање е итна и голема реконструкција на Владата на Србија“, изјави Вучиќ во Белград.
Вучиќ вети дека надлежните ќе ги исполнат сите барања на студентите кои ја блокираа работата на факултетите.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска на прес-конференцијата во Белград соопшти дека донел одлука за неотповиклива оставка по синоќешните настани во Нови Сад кога беа нападнати студенти.
И претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, синоќа најави парламентарна седница на која ќе се расправа за довербата на неа и на Владата.
Милан Ѓуриќ исто така денес поднесе неотповиклива оставка на функцијата градоначалник на Нови Сад.
„Стабилноста и смирувањето на тензиите и запирањето на понатамошните поделби во општеството се клучен услов за понатамошен напредок и развој на Нови Сад и унапредување на животот на жителите на Нови Сад“, наведе Ѓуриќ.
По смртта на 15 лица во падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември, во Србија започнаа студентски протести со барање властите да понесат одговорност.
Тие бараат објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица, отфрлање на пријавите против студентите, активистите и граѓаните уапсени и приведени на протестите, како и поднесување кривична пријава против напаѓачите на демонстрантите.