Furkan Abdula
29 Март 2023•Ажурирај: 31 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Заменик на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците на Северна Македонија, Џабир Доко, соопшти дека Владата донела одлука за основање на Националната установа „Центар за култура на турската заедница во Република Северна Македонија“, пренесува Анадолу.
Доко, кој е од редовите на Партијата за движење на Турците (ТХП), оваа информација ја потврди преку објава на социјалните мрежи.
„На денешната 140. седница на Владата на Република Северна Македонија донесовме одлука да се основа НУ 'Центар за култура на турската заедница во Република Северна Македонија'. Со упорна и посветена работа успеавме да го реализираме овој значаен проект од изборната програма на нашата партија“, напиша Доко, додавајќи дека продолжуваат да ги реализираат зацртаните цели.
Според него, оваа институција, чии работни и финансиски средства ќе се обезбедат од државниот буџет, ќе ги промовира уникатните културни вредности на Турците од Северна Македонија и ќе им даде можност на талентираните млади да се изразат на полето на современата култура и уметност.
„Оваа одлука на Владата е од големо значење за зачувувањето и развојот на мултиетничкиот карактер на нашата земја. Нека е со среќа“, додаде Доко.