Fatjon Cuka
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ТИРАНА (АА) - Во Албанија почина вториот пациент заразен со новиот тип коронавирус Ковид-19, според податоците на Министерството за здравство и социјална заштита, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на Министерството се наведува дека утрово починал пациент, хоспитализиран на Инфективната клиника во Тирана, кај кого бил потврден Ковид-19, кој се наоѓал во критична состојба и бил на респираторна машина.
„Шеесет и шестгодишникот од Лушња пред неколку дена беше хоспитализиран во Службата за инфективни болести, во тешка состојба. Пациентот страдаше од неколку истовремени заболувања: срцева инсуфициенција, пулмонален едем и бубрежна инсуфициенција“, се вели во соопштението.
Потсетуваме дека на 11 март во Албанија почина 73-годишна жена, која беше потврдена како пациентка заразена од новиот коронавирус и беше регистрирана како првата жртва во земјата од Ковид-19.
Според официјалните податоци на Министерството за здравство и социјална заштита, досега во Албанија има 55 потврдени случаи на коронавирус, меѓу кои и два смртни случаи.
Институциите во Албанија презедоа бројни мерки против ширењето на новиот коронавирус, како што се затворање на образовните институции, забрани за влез на патници од соседните земји, суспензија на летови, суспензија на градскиот транспорт и на циркулација на приватни возила, како и ограничување на движењето на граѓаните.