Burak Dağ
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, изјави дека Европа го потценила коронавирусот и дека е неизбежно воведување мерки кои пред неколку недели звучеа драконски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сметам дека сите ние, кои не сме експерти, првично го потценивме коронавирусот. Меѓутоа, во меѓувреме стана јасно дека се работи за вирус со кој ќе се занимаваме долго“, изјави Вон дер Лејен за германскиот весник „Билд“ (Bilde).
Францускиот претседател Емануел Макрон, борбата против ширењето на коронавирусот во Европа вчера ја нарече војна, а Вон дер Лејен изјави дека не би го користела тој термин, иако ги разбира и причините на Макрон.
„Коронавирусот е невидлив непријател, нема боја ни вкус. Се шири со бесно темпо“, изјави Вон дер Лејен, и додаде дека е особено важно членките на Европската Унија да се придржуваат до воведените мерки.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а потоа се прошири во најмалку 163 држави и територии во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија Ковид-19.
Во светот со коронавирус се заразени повеќе од 198.000 лица. Од последиците на заразата починаа најмалку 7.990, а излекувани се 82.779 лица.
Откако ширењето на вирусот во Кина се смири и животот започна да се враќа во нормала, СЗО ја прогласи Европа за нов епицентар на коронавирусот.