Vesna Besiç
21 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
САРАЕВО (AA) - Без стабилен Балкан, нема трајно стабилна Европа, а стабилен Балкан нема без стабилна БиХ, беше порачано денес во Сараево, на отворањето на 94. Рос-Рут семинар на Парламентарното собрание на НАТО и заседанието на посебната група за Медитеранот и за Блискиот Исток, под наслов „Западен Балкан: Транзициски предизвици, европски тенденции и поврзаност со регионот на Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА)“, јавува Anadolu Agency (AA).
Организатор на собирот кој се одржува од 21. до 23. март е Парламентарното собрание на НАТО, во соработка со делегацијата на Парламентарното собрание на БиХ, а собирот го поддржува Владата на Швајцарија. ПС на НАТО и ПС на БиХ во овој формат досега имаат организирано три собири, и тоа во 2004, 2009 и во 2014 година.
На 94. Рос-Рут семинар на Парламентарното Собрание на НАТО во Сараево учествуваат парламентарците на 19 земји-членки на НАТО, 11 земји-кандидатки и претставници од 11 земји од регионот на Блискиот Исток и Северна Африка, како и многу гости од меѓународните институции и од невладиниот сектор.
Во текот на првата сесија на семинарот се разговара за евроатлантските интеграции на регионот Западен Балкан, а во рамките на семинарот ќе бидат организирани две панел-дискусии и сесии на кои ќе се говори за реформите во секторот одбрана и безбедност.
Меѓу другото, на семинарот ќе се зборува и за главните политички прашања на Западен Балкан, нестабилноста во регионот МЕНА и на Западен Балкан, мигрантската криза, тероризмот и радикализмот, а ќе биде претставен и извешајот на посебната група за Медитеранот и за Блискиот Исток.
Денес е порачано дека лекциите од неодамнешното минато треба да се искористат за решавање на отворените прашања.
Претседавачот на Пратеничкиот дом на ПС БиХ, Шефик Џаферовиќ, во поздравното обраќање рече дека од Дејтон до денес, БиХ направила големи напори во делот на стабилизацијата на мирот и градењето на институциите, како и бројни реформи. Според неговите зборови, овие реформи се видливи и се движат во добар правец сѐ до 2006 година, кога настапил период на застој. Тој потсети и дека во 2015 година е усвоен планот на реформите на патот кон европските интеграции.
„Нашата земја во овој момент се соочува со процесот на исполнување на обврските од реформската агенда. Во меѓувреме Хрватска, со која БиХ ја дели една од најдолгите граници во Европа, стана полноправна членка на ЕУ, што за БиХ е можност, но и предизвик. Нашите источни соседи, Србија и Црна Гора, се кандидати за членство во ЕУ. Сето тоа, и пред БиХ и пред ЕУ е предизвик. Уверен сум дека нема трајно стабилна Европа, без стабилен Балкан, а стабилен Балкан нема без стабилна БиХ. Затоа, евроатлантската агенда на Балканот ја сметам како многу важна, и за регионот и за Европа“, порача Џаферовиќ.
Тој истакна дека НАТО не е само воено-одбранбена и безбедносна алијанска, туку рамка и опкружување за економска соработка и развој.
До претседателот на НАТО, Свер Мирли изрази благодарност и рече дека му е чест што повторно се собрале во Сараево. Како што истакна тој, се цени континуираната работа на БиХ на семинарите на НАТО.
Мирли потсети дека ова е четврти пат Сараево да биде домаќин на овој семинар. Како што рече, свесни се за историската и стратешката важност на овој регион.