Admir Fazlagic
27 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска започна состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони чиј домаќин годинава е претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот на лидерите на земјите учесници на Процесот Брдо-Бриони, започна со свечен пречек на учесниците од страна македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, како и претседателите на Република Хрватска и Република Словенија, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор.
На состанокот учестуваат претседалот на Република Албанија Илир Мета, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.
По официјалниот пречек и заедничка фотографија, учесниците започнаа со заедничкиот состанок, после кој е предвидена заедничка конференција за медиумите.
Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави.
Согласно досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на состаноците на Процесот Брдо-Бриони учествуваат високи гости од Европската унија, како и лидери на земји-членки на ЕУ. Почесни гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Бугарија, Бојко Борисов.
Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.
Во рамки на Процесот Брдо-Бриони, за прв пат на иницијатива на Република Македонија ќе се одржи состанок на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој ќе се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.
Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ во Словенија.
Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.