Bojana Stojanovic
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
БЕЛГРАД (АА) - Првиот контингент на вакцината против коронавирусот на компанијата „Фајзер“ пристигнаа денес во Србија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Авионот со вакцините слета на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, што може да се види од фотографиите што Владата на Србија ги достави до медиумите.
Станува збор за 4.800 дози од вакцината, а денес треба да се одржи првата седница на Националниот координативен тим за имунизација против Ковид-19, на која треба да се усвои Оперативниот план за подготовка и спроведување на имунизацијата на населението, јави Радио-телевизија Србија (РТС).
Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија претходно даде согласност за увоз на вакцината, а според претходните најави, првите дози се наменети за домовите за стари лица.