Bojana Stojanovic
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Брисел одлучи да не се состане со претседателот на Косово, Хашим Тачи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Србија претходно во Брисел се состана со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, одделен состанок со неа имал и Тачи, но троен состанок нема да има.
На новинарите во Брисел, тоа им го рекол директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, кој додал и дека е прашање дали и кога ќе продолжат разговорите со Приштина и дека нема ниту најмали услови да продолжи дијалогот.
Претседателот на Србија нема да се состане со Тачи, откако неговата посета на Косово, закажана за 8 и 9 септември е доведена во прашање, поради наводите на Приштина, дека тој во текот на посетата не би можел да го посети Газивода.
Од истата причина, Вучиќ ѝ нареди на Војската, а потоа побара од полицијата и Безбедно-информативната агенција (БИА), да прекинат секаква комуникација со косовската полиција, КФОР и со кои било албански и меѓународни претставници кои дејствуваат на територијата на Косово.
Одлуката за тоа дали ќе оди во Косово, Вучиќ со соработниците ќе ја донесе вечерва.