Kemal Zorlak
01 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
БЕЛГРАД (АА) - Во воената база Батајница во близина на Белград вчера се одржа приказ на способностите на Армијата на Србија наречен „Штит 2022“, во кој учествуваа повеќе од 1.000 припадници на Министерството за одбрана и на Војската на Србија, над 300 средства на борбена техника, како и над 60 авиони, хеликоптери и летала на далечинско управување, соопшти српското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Србија и врховен командант на Војската на Србија, Александар Вучиќ, по претставувањето на способностите на војската во „Штит“ рече дека е горд на војската и на огромниот напредок.
„Им честитам на сите за исклучително изведената вежба; можеше да се види дека нашите генерали летаа во „Миговите“, во „Орлите“ нашите команданти, за да покажат дека се секогаш заедно со своите војници, да покажат дека секогаш и на секое место, еднакво како и подофицерите и војниците ги исполнуваат најтешките можни задачи“, порача Вучиќ.
Укажа на тоа дека на паркинзите и во динамичниот дел можеа да се видат десет од вкупно 14 модернизирани „Мигови-29“ како и 11 „Орли“.
„Тоа е дел од нашата бомбардерска авијација. Тука ќе биде потребно дополнително вложување и затоа размислуваме за нешто што денес истовремено се нарекува ловечко-бомбардерска авијација и наскоро ќе донесеме одлуки за тоа прашање, како значително да ја зајакнеме нашата ловечка авијација. Доколку, се разбира, нема политички пречки, но ако ги има на една страна, нема да има на другата. Србија е неутрална земја и Србија мора да пронаоѓа решенија да може да го сочува своето небо и да може да ја сочува својата земја“, додаде Вучиќ.
Како што истакна, државата ќе продолжи да го зајакнува военото воздухопловство и противвоздухопловната одбрана. Вучиќ додаде дека хеликоптерските единици на Србија се сè посилни, и дека им е потребен многу поголем број пилоти.
„Честитки за извонредниот приказ. Задоволен сум што видов многу деца, видов многу млади луѓе и постари луѓе кои се интересираа и дојдоа да видат како и колку напредува нивната војска. Горд сум на Србија, горд сум на нејзината војска. Да живее Србија“, рече Вучиќ.
На вежбата беше присутен и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик. Во своето обраќање рече дека тоа е практичен доказ за напредокот на опремата и борбената готовност на Војската на Србија.
„Денес имаме еден нов, немерлив напредок кој покажува дека Војската на Србија може успешно да го брани и одбрани нашиот народ, Србија, и дека на тој начин и покажувајќи ваква подготвеност, може да биде и фактор за одвраќање на секоја помисла дека Србија може да биде како некогаш повторно гаѓана“, рече Додик.