Zylfije Adem Jakupi
25 Јуни 2020•Ажурирано: 26 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави (САД) за дијалог на Косово и Србија Ричард Гренел изјави дека ја разбира одлуката на премиерот на Косово Авдулах Хоти да го откаже доаѓањето во Вашингтон и порача дека наскоро ќе биде одреден нов термин на состанокот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гренел на својот профил на социјалната мрежа Твитер му се заблагодари на премиерот Хоти и изрази разбирање за неговата одлука.
„Ја разбираме вашата одлука и се радуваме на одредување на термин за нов состанок наскоро", напиша Гренел.
Косовскиот премиер Хоти го откажа заминувањето во Вашингтон и учеството на состанокот со делегацијата на Србија на 27 јуни во Белата куќа поради објавувањето на обвинението кое Специјалното обвинителство го покрена против претседателот на Косово Хашим Тачи.
„Поради новите случувања во Приштина како резултат на обвиненијата предадени од канцеларијата на Специјалниот обвинител, се враќам во Приштина за да се бавам со ситуацијата", напиша Хоти на својот Фејсбук профил.
Заминувањето во Вашингтон синоќа го откажа и претседателот Тачи, кој соопштението за покренување на обвинението го затекна на авионскиот лет за Вашингтон. Тој најави дека денес се враќа во Косово. Во косовската делегација на состанокот во Белата куќа требаше да бидат претседателот Тачи и премиерот Хоти.
Како што е соопштено во средата, Специјалното обвинителство на 24 април на Специјалните совети во Косово поднесе на испитување обвинението со десет точки со кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се обвинуваат за „низа злосторства против човечноста и воени злосторства, вклучувајќи убиства, прогонување и измачување".
Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весел и други осомничени од обвинението сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства, и дека жртвите се косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници.
Специјалниот обвинител одлучи да објави обвинение иако не е потврдено од страна на Судот поради „континуирани обиди на Тачи и Весели да ја попречуваат и подриваат рабоата на Специјализираните совети".
Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг имаат рок од шест месеци за донесување одлука за потврдување на ова обвинение. Специјализираното обвинителство првото обвинение го поднесе во февруари оваа година, а второто обвинение во април. Од јануари 2019 година на испитување во Хаг повика над 200 поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), било во својство на осомничени или во својство на сведоци.