Bedrudin Brljavac
23 Октомври 2024•Ажурирај: 25 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, изјави дека Босна и Херцеговина сигурно како темел на безбедноста и стабилноста перспективата ја гледа во Европската Унија (ЕУ), но дека политичките лидери во БиХ сами ќе одлучат дали и кога БиХ ќе влезе во НАТО, јавува Анадолу.
Грлиќ Радман учествуваше на панелот „Западен Балкан - регион кој ја покажува сестраноста на партнерствата во НАТО и успехот на интеграцијата“ во рамките на „НАТО Партнерскиот 360 Симпозиум 2024“ насловен „Партнерство во време на хибридни предизвици“, кој се одржува во Сараево.
Настанот, кој трае од вторник до четврток, собра над 250 учесници од повеќе од 50 земји, воени и цивилни претставници од земјите членки на НАТО и партнерските земји и организации.
„Разговаравме за НАТО воопшто и за НАТО како политичко-воена организација во која треба да бидат вклучени земјите од Западен Балкан. Некои веќе се, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора“, рече Грлиќ Радман во обраќањето пред новинарите.
Тој нагласи дека НАТО алијансата е организација која ги штити демократските вредности.
„Босна и Херцеговина сигурно како темел на безбедноста и стабилноста, и како иднина, ја гледа својата перспектива пред сѐ во Европската Унија (ЕУ), но секако дека политичките лидери во Босна и Херцеговина ќе одлучат дали и кога Босна и Херцеговина ќе влезе во НАТО. Но, гледам дека овде преовладува еден пристап, бидејќи НАТО е организација на вредности. По распадот на биполарниот систем, НАТО се трансформира од одбранбена во политичко-воена организација која ги брани своите вредности, демократските вредности, човековите права но и економската компонента, и дава и сигурност, пред се, на сите членки на НАТО сојузот“, рече Грлиќ Радман.
Тој потоа потсети на војната меѓу Русија и Украина, напоменувајќи дека е важно да се постигне мир што е можно поскоро.
„За жал, во 21. век не очекувавме дека една суверена земја ќе нападне друга суверена земја, дека една земја ќе биде жртва на агресија, а во овој момент зборуваме како да се обединиме, како да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина и секако да ја запреме руската агресија и да се обезбеди мир, праведен мир“, рече Грлиќ Радман.
Организирањето на „НАТО Партнерски 360 Симпозиум 2024“ е потврда за успешната соработка и партнерство меѓу НАТО и Босна и Херцеговина. Симпозиумот, заедно со Самитот на НАТО и состаноците на министерско ниво, е еден од најважните настани на кој се собираат околу 250 учесници, како воени така и цивилни претставници од земјите членки на НАТО и партнерските земји и организации.
Целта на состанокот е зајакнување на заедницата на партнери и унапредување на единството, заедничкото дејствување и напорите на НАТО и неговите партнери. Истовремено, се зајакнува разбирањето на глобалното безбедносно опкружување, се шират информации за новите концепти и се истражуваат трендовите и потребите кои се најважни за подобрување на односите меѓу НАТО и партнерите.