Nazmi Abduramani
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Владата на Македонија, Зоран Заев, верува дека до 30 јули Собранието на Македонија ќе донесе одлука за распишување референдум за Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција околу спорот за името, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев, денес во изјава за медиумите, нагласи дека ќе организира референдум и без опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во случај да не се постигне договор со оваа партија за што во тек се преговори на парламентарно ниво.
Тој рече дека во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ, очекува соодветно позиционирање на нивните пратеници за одлуките за распишување референдум, но и пред јавноста.
Тие, според Заев, ќе мора да покажат свој став, дали се за бојкот, тивок бојкот.
„Тоа е нивно право, но должност на сите е да обезбедат процесот да биде успешен“, рече Заев.
Информирајќи за деталите на преговорите, Заев нагласи дека договорено е датумот за референдум да биде што е можно поскоро заради тоа што во случај на успешен референдум, би следувале уставни промени за кои се потребни меѓу 100 и 120 дена за до крајот на јануари и февруари Грција да го ратификува договорот.
„Едно од прашањата за референдумот заедно го утврдивме, тоа е да биде колку што може порано. Дури го споменавме датумот 30 септември. Тоа значи до 30 јули, сега, Парламентот треба да донесе одлука. Јас не сакам да навлегувам во ингеренциите и надлежноста на Парламентот, но верувам дека може да се стигне тоа време, ако успеат сите процеси да се придвижат, и ако навистина Парламентот биде посветен од проста причина, државните интереси, да завршиме порано“, изјави Заев, и додаде дека и покрај можноста да се одложи за една или две недели, посакува 30 јули да биде датумот за одлука на Парламентот за да може да има референдум на 30 септември.
Тој се осврна и на преговорите за карактерот на референдумот за којшто ставот на власта е тој да биде консултативен. Заев потенцираше дека се флексибилни заради тоа што одлуката се смета успешна ако мнозинството на граѓани гласаат „за“, и ако гласаат 50 отсто плус еден гласач од вкупниот број гласачи.
„Отворени сме за расправа за ова прашање дали да биде консултативен или обврзувачки. На крајот одлуката е задолжителна. Граѓаните можат теоретски да излезат еден милион гласачи, 600.000 да гласаат „за“, 400.000 да гласаат „против“. Тогаш политичарите сите ја спроведуваат одлуката, гласаат во Парламентот, и постигнуваме консензус. Ако теоретски еден милион гласачи излезат на гласање, 600.000 се „против“, а 400.000 се „за“, тогаш не важи Договорот со Грција. Ако излезат 800.000 гласачи, 600.000 гласаат „за“, а 200.000 се „против“, тогаш граѓаните не донеле одлука. Ако нема исполнет цензус, нема одлука. Така е по Уставот. Тогаш останува институциите да одлучат, Парламентот да гласа за уставни промени или да гласа против уставни промени“, нагласи Заев.
Проблемот, според него, е околу прашањето, затоа што, како што рече, чесно и фер кон граѓаните е да се постави прашање коешто е база за постигнување на Договорот со Грција за интеграциските перспективи.
„Затоа поставивме прашање: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Македонија и Грција? Така е. Од опозицијата добивме контра прашање кое гласи: Дали сте за поддршка на Договорот помеѓу Македонија и Грција потпишан од министерот Никола Димитров и министерот Никос Коѕиас во Псерадес (Нивици) којшто целосно го уништува македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската култура и македонската национална посебност. Тоа не е точно. Ние не можеме да поставиме такво прашање на граѓаните“, рече Заев.
Како што рече Заев, граѓаните ќе излезат на референдум, добро е опозицијата да ги искаже своите ставови, заедно да се формулираат прашањата и заедно да се стои зад нив. Но, тој нагласи дека не може да се постави едно прашање како „дали сте за ЕУ“, второ прашање „дали сте за НАТО“, а трето прашање „дали сте за Договорот со Грција“.
Премиерот Заев апелираше референдумот да се одржи како успешен процес и потоа да се гарантира валидноста и вредноста и на тие што ќе гласаат „за“, и на тие што ќе гласаат „против“. Според него, процесот треба да биде мошне мотивирачки за граѓаните да излезат и да донесат одлука.