СКОПЈЕ (АА) - Денес во Трговско-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Скопје 2“ се одржа церемонија по повод отпочувањето на изградбата на фабрика на турската компанија „Мурат Тиџарет“, каде што ќе се произведуваат кабли и електрични инсталации за автомобилската индустрија, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа свеченост учествуваа премиерот на Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, државниот министер задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, генералниот директор на „Мурат Тиџарет“, Шахан Мурат Гора, советникот за трговија при Амбасадата на Турција во Скопје, Бунјамин Кутлу, министри од владиниот кабинет, претставници на турски компании, институции и организации во земјата, како и други поканети гости.
Премиерот Заев, во своето обраќање пред присутните, истакна дека интересот за нови инвестиции на турските компании во Македонија расте и од тие причини продолжуваат да ја интензивираат и унапредуваат економската соработка меѓу двете земји кои негуваат традиционално долгогодишно пријателство.
„Денеска означуваме почеток на изградба на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во Република Македонија - производствен капацитет кој ќе се простира на површина од 18.000 м2 и кој за почеток ќе понуди 300 нови вработувања за нашите граѓани, со конечна тенденција да стигнат до вкупно 500 вработувања“, рече Заев
Заев рече дека економските придобивки од нашето членство во НАТО несомнено ќе донесат подобар животен стандард за граѓаните, повеќе странски директни инвестиции, поголем раст на БДП, зголемување на трговската размена со земјите членки на НАТО, а пред сè стабилност и безбедност на територијалниот интегритет на земјата.
„На самиот крај би сакал на менаџментот на компанијата „Мурат Тиџарет“ да им посакам успешна изградба на фабриката и брза реализација на зацртаните цели и бизнис-планови“, додаде Заев.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека секогаш кога се става камен-темелник на некоја фабрика тоа е радост за Владата и за сите, и дека тоа е искажување на поддршката на Владата кон странските инвеститори. Тој нагласи дека тие како Влада и понатаму ќе стојат рамо до рамо со индустријата и со стопанството.
Потсетувајќи дека оваа турска компанија со над 2.000 вработени работи во повеќе држави и на повеќе континенти, Анѓушев нагласи дека се благодарни што денеска ќе почне да работи и во Македонија.
„Четиристотини милиони евра е прометот меѓу Македонија и Турција во 2017 година, а само во првите 5 месеци од 2018, во споредба со 2017 година, порасна за 12 проценти, а уште позначајно е што извозот од Македонија во Турција порасна, исто така, за 12 проценти. Двесте и педесет милиони евра се вкупните инвестиции на Турција во Македонија. Тоа за нас е охрабрувачки чекор дека ние сме пријателски држави коишто ќе градат пријателски односи како во делот на политиката, така и во делот на економијата“, додаде Анѓушев.
„Во турскиот јазик има само еден збор којшто во другите јазици го нема. Тоа е зборот еснаф. На тој збор во сите јазици што ги знам и препознавам не можам да му најдам соодветен превод. Тоа е збор којшто означува повеќе карактеристики на еден стопанственик во едно. Да биде чесен, да биде работлив, да биде посветен, и тоа значи еснаф. Јас на компанијата „Мурат“ ѝ посакувам да биде еснаф“, нагласи Анѓушев.
Министерот без ресор, Ќахил, упати честитки до компанијата „Мурат Тиџарет“ која избра да инвестира во Македонија, и повика во иднина да се реализираат повеќе вакви инвестиции.
„Со вашето присуство тука придонесувате за влегувањето на другите компании во земјата. Со оваа ваша голема инвестиција очекуваме идните инвестиции од Турција да бидат големи. Затоа, благодарни сме на вас“, нагласи Ќахил.
Ќахил истакна дека очекуваат оваа компанија да ја пренесе позитивната атмосфера во Турција, и посака оваа инвестиција да биде за доброто на сите.
Од друга страна, генералниот директор на „Мурат Тиџарет“, Гора, истакна дека со фабриките и магацините за складирање што ги имаат не само во Турција, туку и во странство, вклучувајќи ја и оваа инвестиција во Македонија, имаат за цел да влезат меѓу најзначајните актери на светската лига.
„Факторите за донесување на оваа одлука за инвестирање во Македонија се следни: присуството на блиски односи и соработка меѓу Македонија и Турција кои моќта ја земаат од заедничката историја и култура, потенцијалот за развој, географската положба која е блиска до Турција и европскиот пазар, постигнатата политичка стабилност, како и обучена и квалификувана работна сила“, рече Гора, истакнувајќи дека оваа фабрика ќе биде една од значајните точки на европскиот пазар.
„Планираме на почетокот на 2019 година брзо да започнеме со производство, и во рок од 5 години да обезбедиме вработување за најмалку 500 лица“, додаде тој.