Admir Fazlagic
19 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во официјална посета на Македонија пристигна претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) Младен Иваниќ, кој со официјална церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести беше примен од страна на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, на платото пред претседателскиот Кабинет на „Вила Водно“, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што најавија од Кабинетот на претседателот Иванов, тој денес и утре ќе биде домаќин на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кој ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.

Според најавите, денес, освен тет-а-тет средба на претседателот Иванов и претседавачот Иваниќ, ќе се одржи и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави, после што ќе следува заедничка прес-конференција на двајцата соговорници. На вториот ден од посетата ќе се одржи бизнис форум со учество на стопанственици од Република Македонија и од Босна и Херцеговина, на кој свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и претседавачот со Претседателството на БиХ, Иваниќ.
Инаку, претседавачот со Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, минатата година во октомври престојуваше во работна посета на Република Македонија, при што оствари средба со претседателот Ѓорѓе Иванов, на која беа разменети мислења за состојбите во регионот, во контекст на актуелните предизвици и неговите евроатлански перспективи.