Agim Sulaj
25 Мај 2023•Ажурирај: 27 Мај 2023
ПРИШТИНА (АА) – Новоизбраните градоначалници на трите северни општини со српско мнозинство во Косово, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, положија заклетва, јавува Анадолу.
Новите градоначалници кои победија во трката на вонредните локални избори на 23 април се обврзаа дека ќе работат во корист на граѓаните без разлика, спроведувајќи го законот
Свечената заклетва на градоначалникот на Зубин Поток, Измир Зеќири, се одржа во објектот на Општинската канцеларија за заедници, во селото Чабер во Зубин Поток.
Зеќири во изјава за медиумите рече дека отсега ќе има повисок степен на одговорност во услугите, за сите граѓани, без никаква разлика.
Свечената заклетва на новиот градоначалник на Звечан, Илир Пеци, се одржа во Основното училиште „Иса Болетини“, во селото Болетин од оваа општина.
„Ќе работам за сите, ќе бидам еднаков за сите граѓани на Општина Звечан“, изјави градоначалникот Пеци.
Заклетва положи и новиот градоначалник на Лепосавиќ, Лулзим Хетеми, во Основното училиште „Кадри Бистрица“ во селото Бистрица од оваа општина.
Тој рече дека во моментов ќе ја извршува својата должност од канцеларија во ова село, но, според него, „блиску е денот“ кога ќе оди во општинскиот објект.
Минатата недела, на 19 мај, со свечена седница во Советот на Општина Северна Митровица, заклетва положи новиот градоначалник на оваа општина, Ерден Атиќ, од партијата Самоопределување.
„Наша најголема заложба ќе биде нормализирање на општината и ги повикувам сите граѓани да дојдат да нѐ посетат и да соработуваме што повеќе за доброто на граѓаните“, рече Атиќ по заклетвата.
На вонредните локални избори на 23 април беа избрани градоначалниците на општините Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, како и советниците на Советот на Општина Звечан и Лепосавиќ.
Поради бојкотот на Српската листа, излезноста беше мала и достигна 3,47 отсто.
Изборите во четирите северни општини со српско мнозинство беа одржани откако претходните градоначалници од Српската листа поднесоа оставки во ноември минатата година како одговор на одлуката на косовската Влада да ги легализира автомобилите со регистарски таблички издадени од Србија.