Agim Sulaj
07 Август 2022•Ажурирај: 09 Август 2022
Министерството за внатрешни работи на Косово ја прогласи за персона нон грата Русинката Дариа Асламова, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечла, преку социјалните мрежи соопшти дека оваа одлука е донесена во рамки на законските овластувања врз основа на Законот за странци.
„Влезот на оваа личност е забранет на пет години во територијата на Република Косово“, напиша Свечла.
„Секој кој со одредени цели или директиви ќе ја прекрши или ќе се обиде да ја дестабилизира нашата земја, без прашање ќе се соочи со силата на законите на Република Косово“, додаде тој.
Русинката Дариа Асламова беше приведена вчера на граничен премин во северниот дел на Косово од страна на полициските службеници.
Свечла нагласи дека бројни земји докажале дека Асламова била ангажирана во шпионажа за руското воено разузнавање и дека дејствувала под маска на новинар.
„Таа учествувала и во судирите во Украина вршејќи пропаганда за руската инвазија во Украина“, истакна Свечла на денот на приведувањето на Асламова во Косово.
Свечла укажа на фактот дека Асламова се обидела да влезе во Косово „една недела по тензиите предизвикани од криминалните структури во северниот дел на земјата и на истиот ден кога истите структури управувани од страна на Вучиќ околу 10 пати пукале со огнено оружје кон косовските полициски сили“.