Adel Omeragic
20 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
ЦЕТИЊЕ (AA) - Новоизбраниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, денеска положи заклетва пред пратениците во Собранието, со што стапи на оваа функција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ѓукановиќ положи заклетва на Цетиње, на денот кога му истекува мандатот на неговиот претходник Филип Вујановиќ.
„Се колнам со својата чест на Уставот на Црна Гора дека должноста претседател на Црна Гора ќе ја извршувам совесно и одговорно за добро за сите граѓани на нашата земја. Како претседател на државата ќе се посветам на зачувањето и суверенитотот на Црна Гора и нејзината афирмација како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото“, рече Ѓукановиќ.
Освен пратениците, на свечената седница во Владиниот дом на Цетиње присуствуваа поранешните претседатели на Црна Гора, на Собранието и Владата, највисоките државни функционери и челници на државните институции.
На седницата присуствуваа членовите на Владата, верски лидери, ректори на универзитети, членови на дипломатскиот кор, нерезидентни амбасадори, воени претставници и претставници на меѓународните организации.
Ѓукановиќ, по полагањето на заклетвата и говорот кој го одржа пред присутните, ги поздрави и припадниците на Почесната гарда на Војската на Црна Гора.
На претседателските избори, одржани на 15 април, Ѓукановиќ освои 53,9 отсто од гласовите на гласачите. Тој функцијата ќе ја извршува пет години.
Претседателот на Црна Гора ја претставува државата во земјата и во странство, прогласува закони, распишува парламентарни избори, предлага кандидати за премиер на државата, за претседател на Собранието и за судии на Уставниот суд.
Претседателот на државата му предлага на Парламентот распишување на референдум, одобрува амнестија за криминални дела, доделува одликувања и награди и извршува други должности пропишани со Уставот.
Од воведување на повеќепартискиот систем, претседатели на Црна Гора беа Момир Булатовиќ, во два мандата, Ѓукановиќ, еден и Филип Вујановиќ, трипати.