Abdula Berisha
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, изјави дека ќе ја посети Албанија за да ја изрази својата поддршка по земјотресот што ја погоди Албанија во раните утрински часови, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот Дендијас престојува во работна посета на Република Северна Македонија, каде што беше пречекан од неговиот колега Никола Димитров, а ќе има средби со претседателот на државата, Стево Пендаровски, и со премиерот Зоран Заев.
На заедничката прес-конференција Дендијас рече дека ќе отпатува за Албанија за да ја изрази поддршката на грчката Влада за справување со последиците од земјотресот.
„За кратко време ќе одам во Албанија да ја изразам мојата поддршка и поддршката на грчката Влада по повод земјотресот кој утрово ја погоди земјата. Во овие тешки моменти, ние сме подготвени да понудиме каква било помош за [граѓаните на Албанија] да се справат со трагичните последици“, рече Дендијас.
Утрово Албанија беше погодена од земјотрес со јачина од 6,3 степени, според Рихтер. Албанското Министерство за одбрана објави дека бројот на жртвите од земјотресот се искачил на 15, додека според Министерството за здравство, во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа лекарска помош добиле над 600 повредени.
Албанскиот институт за геолошки науки, енергетика, вода и животна средина објави дека епицентарот на земјотресот бил на 15 километри од градот Драч, на длабочина од 38 километри.