Admir Fazlagic
21 Март 2018•Ажурирај: 21 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за правда на Република Македонија Билен Саљији вечерва поднесе оставка од оваа функција, поради, како што наведе во своето образложение, разнишаната доверба во судството по одлуката за преквалификување на обвинението во случајот на малиот Алмир Алиу, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето до јавноста на вечерашната прес конференција, министерот Саљији рече дека една од главните причини за неговото вклучување во политиката, особено преземањето на функцијата министер за правда било неговото цврсто убедување дека судскиот систем, т.е. правосудството е еден од главните столбови на државата која претендира да изгради демократско општество, еднакво за сите заедници и секој нејзин граѓанин.
„Кога дадовме свечена заклетва, се обврзавме дека пред се, ќе ја вратиме довербата на граѓаните во овој судскиот систем. Довербата на граѓаните во овој процес е најважна за нас, но и лично за мене како министер за правда, а довербата во судството почна да се враќа преку случаевите Сопот и Монструм", изјави министерот Саљији и истакна:
„Сепак, во овие моменти чувствувам дека оваа доверба е разнишана во јавноста, но е разнишана и кај мене лично поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да го преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа контроверзна одлука веќе беше оспорена и од четирите републички јавни обвинители кои за тоа ја информираа јавноста".
Саљији додаде дека судската власт е независна и таква треба и да остане, но дека тој чувствува морална обврска да поднесе оставка.
„Јас како прв човек на Министерството за правда во Владата на Република Македонија поради оваа разнишана доверба чувствувам морална обврска да дадам оставка од позицијата министер за правда, не како акт на неуспех, ниту притисок, туку акт, кој, се надевам, ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите, но и на целото оппштество, во правец на бескомпромисните реформи на правосудството", рече Саљији.
Функцијата министер за правда на Република Македонија, Саљији ја извршуваше од месец мај минатата година.
Потсетуваме, во претходните денови, Обвинителството го преквалификува случајот во кој загина четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово од „убиство со умисла” во „сообраќајна несреќа со смртен исход”, после што му беше укината мерка притвор на обвинетиот Бобан Илиќ од Куманово.
Потсетуваме, настанот кој резултираше со смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово се случи на 25 јуни, 2016 година, кога Алмир, заедно со неговите родители, по расправа помеѓу родителот на Алмир и обвинетото лице, помина околу една недела на интензивна нега и на 2 јули 2016 година, почина на Клиниката во Скопје.
Во јавноста имаше бројни реакции и неколку протести поради овој случај, а исто така, утре во Скопје ќе бидат одржани и протести од страна на граѓаните.