Oktaj Omeragikj
27 Ноември 2025•Ажурирај: 28 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија, известува Анадолу.
Во рамките на првиот ден од посетата министерот Муцунски се сретна со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Литванија, Кештутис Будрис.
Двајцата министри на средбата го изразиле задоволството што посетата се реализира во година во која двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи.
Муцунски и Будрис ја нагласиле подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области што се од заемен интерес.
Шефовите на дипломатијата на Северна Македонија и Литванија дискутирале за низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО.
Во текот на средбата особен акцент бил ставен на европските интеграции, при што била нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено пред претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.
Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што Северна Македонија ја доби по пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Двајцата дипломати разговарале и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.