ДУБРОВНИК (АА) - Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска ја прогласи за отворена 12. меѓународна конференција Дубровник Форум, изјавувајќи дека Европската унија се наоѓа пред големи предизвици, но дека верува во солидарноста, соработката и дијалогот, кои можат да ги решат сите проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Овогодишниот Дубровник Форум се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедност во југоисточна Европа”, а фокусот ќе биде ставен на решавање на заедничките предизвици на полето на безбедноста и стабилноста во Средоземието и околните подрачја по пат на јакнење на соработката и поттикување на дијалог.
„Уверен сум дека Хрватска може да биде една од земјите предводнички на европското обединување и проширување”, рече Пленковиќ обраќајки им се на учесниците на Форумот, меѓу кои се наоѓаат и претседатели и највисоки претставници на власта од земјите во регионот.
Пленковиќ потсети дека ЕУ денеска се соочува со голем раст на нестабилноста „кој практично, гледано од било кој аспект се наоѓа во нашето соседство - дали станува збор за северна Африка, Блискиот Исток, Кавказ, Средна Азија”.
„На одреден начин, целата политика на соседството претставува одреден тест на нашите вредности, определување за функционирање на меѓународното право, за кредибилитетот на нашата надворешна политика, политиката на проширување, политика на воспоставување на договорни односи со земјите кои имаат аспирации да се приклучат на клубот или да имаат цврсти и јасно одредени односи кои ќе ги регулираат, не само политички дијалог и економски и трговски врски, туку ќе овозможат и решавање на бројни отворени прашања”, рече Пленковиќ и додаде:
„Денешните закани во однос на претходните 10 и 15 години се многу поизразени, особено кога станува збор за тероризам, миграции, екстремизам, организиран криминал, хибридно војување, отворени воени судири или трендови кои упатуваат на низа замрзнати конфликти во земјите кои се околу ЕУ”.
Пленковиќ спомена дека особено внимание треба да им се обрати на терористичките напади во рамките на земјите-членки на ЕУ, а кои често се случуваат „не од страна на терористи кои дошле однадвор, туку од оние лица кои се во ЕУ, но кај кои настанала радикализација”.
Пленковиќ рече дека тоа бара многу посилен и поцврст одговор на сите надлежни служби и соработка меѓу државите.
„Притоа, тука, на југоистокот од Европа имаме проблем со странски борци, оние кои изминатите години заминуваа во војни на Блискиот Исток, се вратија и претставуваат потенцијална латентна опасност за безбедноста на нашите држави. Затоа, размената на информации и квалитетна омреженост на сите наши служби, по наше уверение, е еден од начините како да се избегнат нови ризици и закани”, рече Пленковиќ.
Дубровник Форум оваа година го сочинуват три панели кои се посветени на најактуелните теми во регионот.
Првиот, под наслов „Мир, сигурност и стабилност”, ќе се занимава со заедничките предизвици по безбедноста и стабилноста во Средоземието и соседните подрачја. Миграции, решавање на судири, отпорност, демографија, радикализација, тероризам и екстремни предизвици, се теми околу кои ќе се дебатира.
Вториот панел е под наслов „Економија, меѓусебна поврзаност и животна средина: Развивање на можности за работа во источно Средоземие”.
„Вложување во младите е вложување во сигурност” е тема на третиот панел под наслов „Интелектуален дијалог, образование, младина”.
Надворешнополитичката конференција во Дубровник започна како Croatia summit, а во 2013 година го смени името во u Croatia Forum. Од 2016 година оваа конференција се именува како Дубровник Форум.
Првиот собир е одржан под наслов „Заокружување на европската јужна димензија: вредности кои нѐ поврзуваат”, во време кога Хрватска ги започна преговорите за членство во ЕУ. Наредните години се зборуваше за безбедносните предизвици, евроатланската интеграција, глобални предизвици, инвестиции, процес на европска интеграција на Западен Балкан.
На овогодинешниот Дубровник Форум, панелите ќе бидат водени од министри за надворешни и внатрешни работи на земјите од регионот и нивни заменици, научници од политички и мировни центри и претставници на верските заедници.
Од Република Македонија како учесници на Самитот се претседателот на државата Ѓорѓе Иванов и министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.