Ekipa
12 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
ЕСКИШЕХИР (AA) - Во градот Ескишехир во Турција денеска со свечена церемонија е отворен Трансанадолискиот гасовод (TANAP), јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на отворање на ТАНАП присуствуваа претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Украина Петро Порошенко, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и претседателот на Турската Република Северен Кипар Мустафа Акинџи.
Ердоган во обраќањето истакна дека ова е историски момент за целиот регион.
„Денеска го отворивме гасоводот ТАНАП кој претставува енеретски 'Пат на свилата'. Ова е историски чекор за регионот и за нашата земја", рече турскиот претседател.
Тој им честиташе на сите кои дале придонес за, како што рече, да се заврши овој проект и пред планираниот датум.
„ТАНАП истовремено е и симбол на мултилатералната соработка. Нашиот став е енергетиката да биде основа за соработка, а не за судирите“, рече Ердоган во обраќањето кон присутните.
ТАНАП е најголемиот гасовод во јужниот коридор со должина од 1.850 километри и 16 милијарди кубни метри капацитет на природен гас.
Со овој гасовод се доведува природен гас од Азербејџан во Турција, односно во градот Ескишехир, каде што се изградени компресорски станици, од каде гасоводот понатаму оди до Ипсала на турско-грчката граница, каде ТАНАП се поврзува со Трансјадранскиот гасовод (ТАП) кој азербејџанскиот гас го испорачува на европскиот пазар.
Годишниот капацитет на ТАНАП ќе изнесува 16 милијарди кубни метри гас, а од тоа Турција ќе користи шест милијарди кубни метри, додека преостанатите 10 милијарди кубни метри ќе бидат испорачувани на европскиот пазар.