Admir Fazlagic
05 Јули 2018•Ажурирај: 06 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повторното гласање во Собранието на Република Македонија на Законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, пратеникот од редовите на СДСМ, Костадин Костадинов одржа прес конференција на која порача дека Договорот со Грција е патриотски чин и дека претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е должен да го потпише, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеникот Костадинов на денешната прес конференција одржана во Собранието, истакна дека конечниот Договор со Грција за чијашто ратификација се изјасниле пратениците е патриотски чин. Тој рече дека Договорот го обезбедува и зајакнува македонскиот идентитет, носи членство на Македонија во ЕУ и во НАТО и ја обезбедува македонската иднина.
Костадинов истакна дека е извесно оти Македонија добива покана за членство во НАТО, има датум за почеток на преговори со ЕУ, и конечно ќе стане дел од европски и светски демократии, кои гарантираат напредок, просперитет, стабилност и безбедност.
„Бидејќи Законот за ратификација на Договорот со Грција Собранието го изгласа втор пат со големо мнозинство, Ѓорѓе Иванов е должен да го потпише Законот за ратификација на договорот со Грција. Никој не е над уставот и законите. Никој нема право да ја кочи македонската иднина.Во спротивно, Иванов ќе направи кривично дело, постапува надвор од неговите надлежности и директно се меша во законодавната власт, односно во работата на Собранието како законодавна власт", рече Костадинов.
На новинарско прашање дали ќе поднесат крнивична пријава до претседателот на државата, Иванов, Костадинов одговори: „Не се исклучува можноста да поднесеме кривична до Иванов, доколку не ја почитува одлуката на мнозинството граѓани на Република Македонија."
Исто така, тој рече дека последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум, додавајќи дека се убедени дека граѓаните ќе кажат „да" за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО.
Потсетуваме, Собранието на Република Македонија на денешната седница, со 69 гласа „за“ и еден воздржан повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, според кој официјалното име на државата ќе биде Република Северна Македонија.
Законот за ратификација на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство по втор пат се гласаше во Собранието, бидејќи Законот не беше потпишан од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.