СКОПЈЕ
Прашањето за функционирањето на терористичката организација ФЕТО во Република Северна Македонија, во изминатите денови беше една од темите на која се говореше во Собранието, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски за време на собраниската седница на која премиерот на Северна Македонија Зоран Заев одговараше на пратенички прашања го праша премиерот во врска со функционирањето на терористичката организација ФЕТО во земјава.
Пратеникот Велјановски рече дека еден од најзначајните, најголеми, највлијателни стратешки партнери на Република Македонија, како на економски, така и на воено-безбедносен план, покрај САД, партнерите од НАТО и ЕУ, е сигурно Република Турција.
Велјановски истакна дека „Република Македонија има за обврска да исполни законски административни услови, односно да направи реформи кои произлегуваат од членството во НАТО и аспирациите за почнување на преговори за членство во ЕУ, а едно од најважните е за борбата со организираниот криминал и ова претставува посебен важен индикатор во државата. “
„Јавна тајна е дека во Република Македонија под превезот на комерцијални активности функционира организацијата ФЕТО, која е предмет на истраги и прогон во многу држави вклучувајќи ги и САД”, рече Велјановски.
„Прашањата кои се наметнуваат, а кои се тема во јавноста се дали за сопствениците, менаџерските тимови и вработените во „Јахја Кемал", „Заман Македонија”, „ЧАГ ДОО Скопје”, “Башак турс ДОО Скопје, МИБА, се издадени дозволи за престој и работа и ако истите наводно немаат валидни патни исправи?”, “Дали се контактирани властите на една пријателска и партнерска држава во однос на тоа дали против овие лица се водат постапки, дали нашите надлежни служби имаат информации за евентуално вмешување во внатрешната политика на Република Македонија и какви мерки се преземаат?“, запраша Велјановски.
„Дали овие компании се предмет на финансиски контроли и дали некој во државата го контролира овој аспект и води грижа за евентуалните финанскиски манипулации? “, истакна тој во своето пратеничко прашање упатено до премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.
- Одговорот на премиерот Заев во врска со ФЕТО
Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со функционирањето на ФЕТО во Северна Македонија и компании поврзани со оваа терористичка организација, изјави дека со целосна посветеност и внимание постапувале секогаш за барањата на Република Турција, но дека за евентуална екстрадиција на одредени лица потребно е за нив да има судска пресуда.
Заев посочи дека имајќи ги предвид пријателските односи со Турција која е долгогодишен поддржувач на РСМ во НАТО, ЕУ и еден од најголемите инвеститори во земјата со целосна посветеност и внимание секогаш постапувале за нивните барања и врз основа на соработката, пред се, на безбедносните служби, но и на соодветните министерства, како што е Министерството за правда.
„Сме постапувале согласно нашите закони, согласно меѓународното право, согласно пријателството и стратешкиот однос што го имаат Република Турција и Република Северна Македонија и во едни такви околности прво, секако дека сме направиле проверка од наш домашен безбедносен аспект за сите луѓе под сомневање или слично за детални анализи за парите, потеклото, луѓето, однесувањето, за барем дел од овие компании кои ги кажавте каде што работат граѓани од Турција. Еден дел од нив имаат и македонско државјанство, и секако тоа сме го направиле од наш безбедносен аспект, второ сме го направиле заради тоа што и Турција упатила пријателски ноти да работиме околу делот на безбедноста", рече премиерот.
„Сите документи за лица кои живеат и работат тука се согласно закон издадени и секако е направена дополнителна контрола од безбедносен и секаков друг укажувачки аспект од Република Турција", додаде Заев.
„Лично јас сум го информирал претседателот на Турција, премиерот на Турција, но и нашите министри за надворешни работи порано Димитров, сега Османи, нашите министри за внатреши работи имаат одлична соработка за сите детали околу отворени прашања за организиран криминал со таканаречената група ФЕТО. Ние јавно го осудивме обидот за пуч за симнување на легална и демократска власт избрана во Република Турција. Јас лично и многу наши официјални претставници во државата и денеска секако тоа го реафирмирам заради тоа што не сакаме никаде во светот, а најмалку во пријателските земји да се случуваат недемократски активности за симнување на власт кои секако за жал имаа човечки загуби и последици, и оставија трага дури и кај нас дома, да не зборувам колкави се тешки последиците во Турција", истакна премиерот.
Како што изјави, соодветен ангажман и анализа се уште чека документи од Турција за евентуална екстрадиција на одредени луѓе.
„Република Турција знае за сите детали за постапките, но знае и за меѓународното право и за нашето законодавство кое што всушност е исто или слично со турското законодавство, а тоа е да се има пресуда, судски документи за одредени граѓани за да можат да постапат нашето Министерство за правда и нашите соодветни правосудни институции. Но, и таму кога побарале соодветно постапување е разбрано од Република Турција и секако ако се достават дополнителни докази согласно меѓународното право за постапување, секако дека ќе постапиме", рече Заев и додаде дека „не би си дозволил да каже некои детали поради одредени класифицирни информации", изјави Заев.
„Сакам да потврдам дека соработката помеѓу Република Македонија и Република Турција е на одлично ниво", рече премиерот и додаде дека Турција е еден од најголемите инвеститори преку своите компании.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач кој живее во САД, Фетула Ѓулен, го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а беа повредени околу 2.200 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на свои приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери.