Admir Fazlagic
29 март 2021•Ажурирај: 29 март 2021
СКОПЈЕ
Јавната установа Национален парк Маврово и Меѓународниот Балкански Универзитет (ИБУ) потпишаа Протокол за соработка помеѓу овие две институции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија од Национаниот парк Маврово, на денешниот состанок помеѓу директорот на оваа институција Самир Ајдини и претставниците на ИБУ, Шенер Билали, проректор на ИБУ, Џемил Бектовиќ, декан на ИБУ и Сеид Таировиќ, асистент професор на ИБУ, беше потпишан Протокол за соработка помеѓу овие две институции.
Според соопштеното, главни цели на соработка предвидени со овој протокол се реализација на активности во рамките на Националниот парк, запознавање на студентите и вработените во универзитетот со природните, културните и туристичките вредности на Националниот парк, соработка при организирање и реализирање на конференции, семинари и презентации од страна на Универзитетот и Националниот парк, во партнерство со образовните институции на централно и локално ниво, невладините организации и други субјекти кои споделуваат исти цели со Универзитетот и Националниот парк.
Исто така, меѓу предвидените цели е и поттикнување на научно-истражувачката дејност во разни области од науката и реализирање на заеднички истражувања од страна на претставници на двете институции, како и овозможување на услови за доделување на стипендии за најуспешните и најталентираните ученици и студенти, организирање на разни активности во сферата на науката, културата, уметноста, спортот и нивна промоција пред пошироката јавност.
„После официјалното потпишување на овој протокол и двете страни уште еднаш ја потврдија својата подготвеност за успешна соработка, при што се разговараше и за реализација на првите проектни активности кои во зависност од ситуацијата со пандемијата би започнале во текот на месец мај 2021 година", се наведува во соопштението.