Senada Ibraimova
17 Февруари 2017•Ажурирај: 18 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Започна првиот светски Самит на жени лидери во Македонија „2017 Глобал вомен лидерс самит“, организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), а на него учествуваат над 40 панелисти, истакнати жени лидери, како и над 300 учесници од пет контитенти, креатори на јавни политики, од дипломатскиот кор, корпоративната елита и од новинарството, јавува Anadolu Agency (AA).
На овој настан, покрај заклучоците и мислењата што ќе се споделат за понатамошното стратешко градење на патот на жените – лидери, ќе се промовира и платформата за глобалните жени – лидери, во којашто за првпат ќе влезат дваесетина жени од Македонија.
Претседателката на ССК, Данела Арсовска, во својата изјава рече дека жените се многу инволвирани во пазарот на трудот, а особено како што вели таа, во последните дваесетина години полека се надминува јазот во родовата еднаквост.
„Она што е многу значајно е дека најмногу во Африка можеме да кажеме дека има жени на така мошне појаки водечки позиции, додека во Европа е нешто кон кое треба да целиме, па зошто во иднина да немаме жена премиер, или ете жена претседател на Република Македонија“, истакна Арсовска.
Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, во своето обраќање меѓудругото рече дека во Македонија, жени се со 30% застапени во бизнисот поврзан со информатичките технологии, а како што рече, слична е застапеноста и во науката поврзана со информатичките технологии. Таа додаде дека застапеноста на жените во политиката не е на задоволително ниво.
Претседателката на Здружението на бизнис – жени, Валентина Десоска пак, осврнувајќи се на разликата во платите меѓу мажите и жените, рече дека во приватниот сектор оваа бројка изнесува 30%, односно жените земаат за 30% помала плата од мажите.
Таа истакна дека најмногу недостигаат жени на менаџерските позиции. Според неа, жените најчесто избираат работа во услужниот сектор или пак работа што знаат да ја работат, бидејќи како што рече, тоа е полесната варијанта отколку да се инвестира во некој бизнис или да се работи во вискоиндустрискиот сектор.
Десоска истакна оти малата инволвираност на жената не е само во претприемништвото: „Малата инволвираност на жената е воопшто, во вработувањето на жените на менаџерските позиции. Причините зошто е тоа така, можеме да кажеме дека доаѓаат од стереотипите, од менталитетот, она што го влечеме со децении и со генерации. Меѓутоа исто така, можам да кажам дека имаме проблем со образовниот систем и со воспитниот систем. Мора да се работи на едукацијата, мора да се работи на давањето поткрепа и токму затоа е овој самит денес“, рече таа.
Во рамките на самитот се планирани повеќе панели меѓу кои, панел на први дами – лидери, лидери во новинарството, дипломатски панел, како и панел на креатори на јавни политики.
Меѓу првите дами – лидери учествува и сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова.
Самитот се одржува во Скопје, а ќе трае од 17 до 19 февруари.