Adel Ömeragiç
17 Февруари 2017•Ажурирај: 18 Февруари 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - И денес во Подгорица продолжува протестот на мајките со три или повеќе деца против намалувањето на надоместот. Повеќе од 200 жени ноќта ја поминаа пред Владата на Црна Гора, чекајќи да им се обрати некој од членовите на Владата. Пред Владата денес има околу 300 жени, јавува Anadolu Agency (AA).
Незадоволни поради одлуката на Владата да го намали за 25 отсто износот на надоместот по основа на раѓање три и повеќе деца, корисничките на ова право од вчера протестираат пред Владата. За разлика од вчерашниот ден, кога во неколку наврати состојбата беше напната, денес ситуацијата е значително поразлична. Видно исцрпени, мајките денес чекаат одговор дали некој ќе ги прими на разговор.
Сепак, тие порачуваат дека нема да се откажат и бараат од премиерот Душко Марковиќ денес да ги прими на разговор.
Зорица Радуловиќ од Бар ноќта ја помина пред Владата. Таа вели дека 30 години работела во градинка, а откако беше изгласан законот за надомест за мајките со три или повеќе деца, таа ја напушти својата работа и се одлучи за надомест. Денес, наместо почетните 336 евра, Зорица добива 264 евра.
„Се чувствувам измамено. Барам да ни се врати надоместот во износите што беа на почетокот или да нѐ вратат на нашите работни места“, вели Зорица.
Организаторката на протестот, Жељка Савковиќ порачува дека нема да се откаже од борбата за своите права. Таа го повика премиерот Душко Марковиќ да ја укине одредбата според која надоместот е намален за 25 отсто.
„Ги повикуваме сите мајки да дојдат пред Владата и да се избориме за она што е наше“, изјави Савковиќ.
Тие носат транспарент на кој пишува „Го бараме она што е наше“.
Надоместот за мајките со три или повеќе деца започна да се исплаќа на 1 јануари 2016 година. Износот на надоместот изнесуваше 336 евра за мајките кои имаат минимум 25 години работен стаж, односно 192 евра за мајките кои на Бирото за труд поминале минимум 15 години. Со одлука на Владата, надоместот е намален на 264 евра, односно на 144 евра. Околу 21.000 жени го користат овој надомест.
Унијата на слободни синдикати поднесе иницијатива до Уставниот суд на Црна Гора за оценување на уставноста на споменатиот Закон.