Admir Fazlagic
11 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и владина делегација денеска и утре ќе присуствува и ќе учествува во работата на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел, пренесува Anadolu Agency (A).
Како што соопшти прес-службата на Владата, во текот на денешниот ден, доцна попладне, премиерот Заев ќе има свое обраќање на настанот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, по што ќе замине на свечената вечера на шефови на држави и влади на земјите членки, и на шефови на држави и влади на земјите членки и партнери, што ја организира премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
Во текот на утрешниот ден, премиерот Заев и македонската владина делегација, во новото седиште на НАТО, ќе го отпочне учеството на официјалниот дел од агендата на Самитот.
Премиерот Заев во придружба на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите членки и партнери во формат RSM „Решителна поддршка“, на ниво на шефови на држави и влади.
„Агендата на годинашниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел во четврток предвидува прес-конфереција на генералниот секретар Јенс Столтенберг, и церемонија на врачување на поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО на Република Македонија“, информираат од Владата.
Премиерот Заев и членовите на владината делегација за време на дводневните активности на Самитот на НАТО во Брисел ќе имаат повеќе билатерални средби и ќе верификуваат повеќе декларации и документи за соработка со земји членки на НАТО.