Zülfiya Yakup
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ПРИШТИНА (АА) - Во организација на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (DCAF) денес во Приштина се одржува регионална тркалезна маса за улогата на парламентите од подрачјето на Западен Балкан во надзорот на мерките што се применуваат за спречување и борба против насилниот екстремизам, јавува Anadolu Agency (AA).
На собирот учествуваат пратеници од парламентите на Косово, Албанија, Црна Гора и на Словенија, претставници на Владата на Косово и безбедносниот сектор, како и голем број експерти од регионот и од Европа.
Даут Харадинај, претседавач на Одборот за безбедност и внатрешни работи во Собранието на Косово, го поздрави организирањето на оваа регионална тркалезна маса за радикализмот и тероризмот и формите како парламентите да дојдат до неопходното законодавство во борбата за спречување на оваа појава.
„Ние во Косово го комплетиравме законскиот пакет за спречување на учеството на странските боишта. Многу земји во регионот го комплетираа кривичниот законик, додавајќи посебни членови, но ние во Косово сметавме дека е разумно да им олесниме на безбедносните органи и на разузнавачката служба со посебен закон да ги спречиме и да ги санкционираме тие форми“, изјави Харадинај.
Хаџи Шала, претседавач на Одборот за разузнавачки надзор на Собранието на Косово, нагласи дека тероризмот не се однесува само на една земја, туку дека е појава што е застапена секаде во светот. Шала оцени дека успешноста на борбата против тероризмот зависи од добрата регионална соработка. Според него, во Косово, покрај Законот за спречување на заминувањето на странските боишта, потребно е со закон да се регулира и забраната на различните кампањи за заминување на странските боишта.
„Младите во Косово се подложни на влијанија на различни групи и ние мораме да се трудиме со тој дел на млади луѓе да се работи повеќе. За време на истражувањето зошто тие млади се под влијание на различни групи, дојдовме до заклучокот дека на некои треба да им се прости и да се рехабилитираат, а не само да се казнуваат со затвор“, изјави Шала.
Анте Фриц, заменик-началничка на операциите за Југоисточна Европа при ДЦАФ, изјави дека косовската Влада изработила национална стратегија за спречување на насилниот екстремизам и радикализам кој води кон тероризмот, со која е нагласено дека борбата против радикализмот и насилниот екстремизам, освен преку полицијата и разузнавачката служба, мора да се води и политички и економски. Таа наведе дека парламентите мораат да ја надгледуваат борбата против екстремизмот и мора да има соработка.
„Многу е важно парламентите да создадат услови безбедносните служби да имаат можност да играат ефикасна улога во борбата против тероризмот и истовремено да се запознаат со потенцијалните прекршувања на слободата и на демократските права. Парламентарците имаат право и обврска да го подигнат гласот за одредени свои грижи“, изјави таа.
Учесниците на регионалната тркалезна маза, во текот на денот, во делот затворен за медиумите, преку повеќе панели ќе дискутираат поконкретно за радикализмот на Западниот Балкан, дерадикализацијата и реинтеграцијата, улогата на агенциите за спроведување на законот и разузнавачките агенции во борбата против насилниот екстремизам, како и за улогата на парламентот во надзорот на мерките што се применуваат со цел спречување и борба против насилниот екстремизам.