Admir Fazlagic
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ организираше протест на кој се собраа стотина граѓани во знак на ревлот на приведувањето на лицата коишто Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија меѓу кои се некои пратеници, како и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, јавува Anadolu Agency (AA).
По повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски попладнево пред судот почна протест. Таму се собрaа околу стотина граѓани, кои мирно протестирааа извикувајќи „Македонија, Македонија“ и „Слобода, слобода“, барајќи судот да ги ослободи приведените.

Груевски пред да им се придружи на граѓаните пред судот на протест во своето обраќање до јавноста побара итно ослободување на приведените лица.
„Овој терор се прави со цел да се дефокусира јавноста и да се отвори патот за промена на името, јазикот и идентитетот на државата", рече Груевски.
Граѓаните коишто протестираа најавија дека постојано ќе излегуваат на улица и ќе ја бараат правдата.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.
По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.