Admir Fazlagic
07 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
СКОПЈЕ
Новогодишната елка поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје светна вечерва како предвесник на новогодишното празнување во главниот град на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По извршеното традиционално осветлување на „Новогодишната елка“, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, во изјава за медиуми рече дека оваа година осветлувањето на елката се случува во вонредни околности поради пандемијата од коронавирусот (Ковид-19).
„Драго ми е што гледам дека имаме многу присутни млади наши сограѓани, наши дечиња, што ја оправдува одлуката на Градот да влеземе во една новогодишна атмосфера, онолку колку што можеме, имајќи ја во предвид пандемијата. Јас сум среќен што плоштадот и оваа година ќе означува нови почетоци, нови добри желби, нови желби за еден понормален и поздрав живот којшто го имавме пред пандемијата", рече Шилегов.
Тој воедно и апелираше до граѓаните да се придржуваат до правилата за однесување согласно пандемијата, да мислат на сопственото здравје, но и на здравјето на најмилите и најблиските.
Освен „Новогодишната елка“ која светна вечерва, украсени се и улиците на центарот на Скопје во духот на предновогодишната атмосфера, а граѓаните кои го посетуваат градскиот плоштад ја користат можноста за фотографирање.