Husamedin Gina
14 Јули 2022•Ажурирај: 15 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – Во Собранието на Северна Македонија денес започна седницата за францускиот предлог, а на отворањето од собраниската говорница се обрати премиерот Димитар Ковачевски, чиј говор не се слушна бидејќи пратениците од македонскиот опозициски блок тоа го оневозможија со користење сирени, труби и свирчиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Собранието ја започна пленарната седница на која пратениците ќе расправаат за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција заеднос со Европскиот совет на 30 јуни 2022 година.
Пред пратениците на седницата се обрати Ковачевски, но, неговиот говор, во којшто требаше да се осврне на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори беше оневозможен од страна на опозицискиот блок.

На самиот почеток на говорот на премиерот, опозицијата почна да свири со вувузели, труби и свирчиња, поради што не се слушаше ништо од она што премиерот го кажа на собраниската говорница.
Ковачевски, не обрнувајќи внимание на свирежите и сирените на опозицијата, го заврши своето обраќање за Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на земјата со ЕУ.
По завршувањето на говорот премиерот и министрите од неговата Влада ја напуштија собраниската седница.
Претходно, пред почетокот на собраниската седница, пред пратениците се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. За време на нејзиниот говор пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ носеа маици со зборот „НЕ“ против францускиот предлог.
Пратениците во Собранието на Северна Македонија денеска нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, поточно за преговарачката рамка предложена од француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоците со кои Владата добива насока и обврзува за што може, и за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Врз основа на заклучоците што ќе ги донесе Собранието и кои ги соопшти владината коалиција во форма на предлог, Владата не треба да влегува во преговори со ЕУ доколку тие влијаат врз македонскиот јазик, како и врз идентитетот, историјата и културата на македонскиот народ.
Како и изминатите денови, и денес се одржаа протести со барање да се отфрли францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, кој го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го подготви предлогот, смета дека е најдено компромисно решение со предлогот за двете страни.
Францускиот предлог е документ што треба да доведе до укинување на двегодишното вето на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.