Fatjon Cuka
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
ТИРАНА (АА) - Албанската Социјалистичка партија (PS) предводена од актуелниот премиер Еди Рама, победи на парламентарните избори што се одржаа на 25 јуни во Албанија, достигнувајќи парламентарно мнозинство за самостојно да формира влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните резултати објавени од страна на Централната изборна комисија (ЦИК), од досега избројаните 98 отсто од гласовите на национално ниво, ПС е во водство со 48,30 отсто од гласовите. ПС освои вкупно 74 пратенички места за новиот законодавен дом, обезбедувајќи мнозинство за самостојно да формира влада, за што се потребни најмалку 71 пратеничко место.
Од друга страна, Демократската партија на Албанија (PD), предводена од Лулзим Баша, кој исто така беше кандидат за премиер од оваа партија, има обезбедено 28,86 отсто од гласовите, или 43 пратенички места; Социјалистичкото движење за интеграција (LSI), со кандидатот за премиер Петрит Васили, кој е исто така и претседател на партијата, обезбеди 14,3 отсто од гласовите, или 19 места. Партијата за правда, интеграција и единство (PDIU), предводена од Шпетим Идризи, има обезбедено 4,79 отсто од гласовите, или тројца пратеници. Социјалдемократската партија не доби ниту еден мандат.
Според првичните податоци на ЦИК, одѕивот на гласачите на изборите е околу 46,73 проценти.
Во меѓувреме, премиерот на Албанија и претседател на Социјалистичката партија, Еди Рама, најави дека партијата што ја води ќе организира прослава во попладневните часови на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, каде што тој ќе одржи говор.
Социјалистичката партија ја предводеше својата кампања со слоганот „За Албанија што ја сакаме“, каде што во текот на изборните митинзи на национално ниво, Рама ја објави амбицијата да владее како единствена сила, а не во коалиција со други партии, со цел, според владејачката партија, да продолжи на патот на реформите започнати во текот на првиот мандат на владеењето.
Потсетуваме дека на 25 јуни во Албанија се одржаа парламентарни избори на коишто учествуваа 18 политички партии. Граѓаните со право на глас го остварија своето право на 5.362 избирачки места, за избор на 140 пратеници за новиот законодавен дом. Парламентарните избори беа набљудувани од 5.351 набљудувачи, од кои 896 од меѓународните мисии за набљудување.