Ivana Ramadanova
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Австрија, генерал Отмар Коменда, е во дводневна официјална посета на Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Генералот Коменда заедно со својот домаќин, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, на првиот ден од посетата остварија средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на која присуствуваше и амбасадорот на Австрија во Македонија, Ренате Коблер.
- „Мигрантската криза ја покажа потребата од поблиска соработка на земјите од регионот и Европа"
Министерката Шекеринска рече дека Република Македонија високо ја цени меѓусебната соработка, особено поддршката од Австрија во справувањето со мигрантската криза на јужната граница.
„Токму оваа криза која ја зафати Европа покажа дека регионот е од големо значење за безбедноста на целиот континент“, изјави Шекеринска на средбата со началникот на Генералштабот на австриските вооружени сили, генералот Отмар Коменда.
Министерката Шекеринска посочи дека за Министерството од исклучително значење е да се продолжи и унапреди одбранбената соработка, која вклучува и блиски односи помеѓу двете Армии.
„Македонија има јасна политичка волја за развиена билатерална и регионална соработка. Регионот е позрел и иако има разлики, нам ни е јасно дека просперитетот на сите нас зависи од заедничката соработка“, заклучи министерката Шекеринска.
„Таа додаде дека ја поддржува и поттикнува комуникацијата помеѓу Армиите, на секое ниво. Во таа насока, генералот Коменда рече дека од негативниот развој на мигрантската криза, може да се извлече позитивен резултат во поглед на соработката на земјите од регионот и Европа. Генералот додаде дека армиите на двете земји се секогаш подготвени за блиска соработка, и дека единствено што е потребно е политичка поддршка", информираат од Министерството за одбрана на Република Македонија.
Поздравувајќи ја подготвеноста за блиски релации, министерката Шекеринска ја истакна и потребата за помош и поддршка за останатите институции од кризниот менаџмент, чиј спектар на работа вклучува и справување со кризи од големи природни непогоди, во креирање на еден развиен европски тип на кризен менаџмент, што беше прифатено од генералот Коменда како позитивен аспект на унапредувањето на соработката.
„Австрија има развиен систем на кризен менаџмент на локално ниво и ние сме подготвени на размена на знаења и искуства со Македонија во оваа област“, рече тој.
Во текот на денот, генералите ќе ја обиколат македонско-грчката граница во реонот на караулата „Богородица“.
Од Министерството за одбрана соопштија дека во рамките на вториот ден од посетата, утре ќе следат официјалните разговори меѓу делегацијата на ГШ на ВС на Австрија и ГШ на АРМ, на коишто ќе стане збор за процесот на трансформација и структурата на АРМ, нејзиниот придонес во меѓународните мировни мисии и за улогата во справувањето со мигрантската криза и унапредување на билатералната армиска соработка во полето на силите за специјални операции.