Gorana Jakovljevic
20 Ноември 2024•Ажурирај: 21 Ноември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Република Србија, Томислав Момировиќ, поднесе оставка, објавија српските медиуми, пренесува Анадолу.
„Ве известувам дека поднесувам оставка од местото министер за внатрешна и надворешна трговија. Благодарен сум му на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, за довербата и одликувањето. За него и за Србија сум секогаш“, наведе Томислав Момировиќ во пишаната оставка поднесена до премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Томислав Момировиќ од 2020 до 2022 година ја извршуваше функцијата министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура во Владата, по што во два мандата беше избран за министер за внатрешна и надворешна трговија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера рече дека поради трагедијата во Нови Сад очекува оставки во Владата и на други места, а од обвинителството да има мерки во најкраток можен рок.
На 1 ноември во Нови Сад се урна натстрешницата на Железничката станица, при што загинаа 15 лица, а две тешко повредени лица сѐ уште се борат за живот во Универзитетскиот клинички центар на Војводина.