Gorana Jakovljevic
03 Мај 2023•Ажурирај: 03 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Србија соопшти дека е уапсен малолетник, кој, како што постои сомнение, испукал повеќе куршуми во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во населбата Врачар во Белград, јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека на припадниците на Министерството за внатрешни работи во Белград им е пријавено утрово во 8:40 часот дека во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар се случило пукање.
„Полицијата ги испрати сите расположливи патроли, веднаш излезе на терен и го уапси осомничениот малолетник, ученик од седмо одделение, кој, како што се сомнева, испукал неколку истрели од пиштолот на својот татко во правец на учениците и обезбедувањето на ова училиште“, се вели во соопштението.
Од МВР наведуваат дека лекувањето на повредените е во тек, како и работата на полицијата за утврдување на сите факти и околности во врска со овој настан.
Српските медиуми објавија дека неколку лица се повредени, како и дека некои од нив се во тешка состојба. Наведуваат и дека во пукањето е убиен чувар, и дека биле ранети повеќе ученици и една наставничка.
На терен се голем број екипи на итната помош и полицајци.