Admir Fazlagic
20 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во знак на протест против загадениот воздух, денеска во неколку средни училишта во Скопје беше бојкотирана наставата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со заштитни маски и транспаренти „Сакаме воздух“, „Нема воздух, нема мир“, средношколците излегоа од училишните клупи и ја бојкотираа наставата, со цел да го искажат своето незадоволство поради загаденоста на воздухот.
Меѓу средните училишта во Скопје, чии ученици ја бојкотираа наставата, беа „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“.
Министерството за образование и наука на Северна Македонија, претходно ги повика учениците да не ја напуштаат наставата и да го откажат бојкотот.
За вечерва во Скопје е најавен Марш против загадувањето на воздухот кој го организираат еколошките здруженија и невладините организации кои бараат од надлежните да се реши проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, но и во другите градови низ државата.