Husamedin Gina
20 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Стотици граѓани вечерва во Скопје, излегоа на „Маршот против загадувањето на воздухот“, организиран од средношколци, еколошките здруженија и невладините организации кои бараат од надлежните да се реши проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје и во другите градови во државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Маршот започна пред Министерство за животна средина и просторно планирање, продолжи пред Собранието и Владата. Бројната група граѓани ја предводеа млади со тапани и огромен транспарент на кого пишуваше „Средношколците сакаат да дишат”.
„Сакаме да дишеме“, „Сакаме чист воздух", „Доста беа лаги", „Нема воздух - нема мир", „Здравје пред празник“, „Ни ја горете иднината“, беа само дел од скандирањата и транспарентите на учесниците на „Маршот против загадувањето на воздухот“.

Организаторите на маршот бараат од надлежните институции конкретни активности со кои ќе се реши проблемот со загадениот воздух.
„Се надевам дека возрасните ќе бидат доволно возрасни да можат да се борат со вакви проблеми кој што они го создаваат. Тие проблеми што они ги создаваат им ги оставаат да ги решат идните генерации. Тие идни генерации сме ние. Ние треба да се бориме со нивните проблеми“, рече средношколката Мила од Скопје, која се обрати пред присутните пред Владата на Северна Македонија.
Во знак на протест против загадениот воздух, денеска во неколку средни училишта во Скопје беше бојкотирана наставата.
Министерството за образование и наука на Северна Македонија, претходно ги повика учениците да не ја напуштаат наставата и да го откажат бојкотот.
Потсетуваме, во пресрет на првиот марш кој се одржа на крајот на ноември, преку писмено соопштение се огласи и Владата на Северна Македонија во кое истакна дека „Владата целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот, и ја споделува загриженоста".
Исто така, Владата ги покани на 2 декември на средба претставниците на еко иницијативите, при што, како што се наведува во соопштението „внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во Марш за чист воздух“.