Stipe Mayic
02 Септември 2017•Ажурирај: 03 Септември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Дваесетина членови на Автохтоните - Хрватска партија за правата (A-HSP) запалија примерок на неделниот весник „Новости“ на српското малцинство пред седиштето на Српскиот национален совет (SNV), барајќи да не се отстранува плочата во Јасеновац со поздравот „За домот подготвени“, јавува Anadolu Agency (AA).
Членовите на A-ХСП, предводени од претседателот на партијата, Дражен Келеминец, организираа собир под мотото „Ве запревме во 1991, ќе ве спречиме повторно!“ пред седиштето на Српскиот национален совет, на чие чело е Милорад Пуповац.
Носејќи хрватско знаме и црни маици на ХОС (Хрватски оружени сили) на кои е испишано „За домот подготвени“, насобраните, скандирајќи „Подготвени“ по скандирањето на Дражен Келеминец „За татковината“, сето тоа под под надзор на полицијата.
Келеминец преку мегафон одржа долг говор во кој Милорад Пуповац и СНВ ги обвини за спроведување на великосрпска политика.
Келеминец му порача на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, дека поздравот „За домот спремни“ не смее да се отстрани од таблата подигната во чест на 11 загинати хрватски бранители во Јасеновац, и дека се залага за употреба на овој поздрав без санкции, тврдејќи дека тоа не е усташки поздрав бидејќи, тврди, под овој поздрав се бореле во Татковинската војна.
„Денес Милорад Пуповац добива милиони куни од државниот буџет, а потоа со тие пари оди во светот и тврди дека Хрватска е геноцидна, фашистичка и усташка држава и дека против таква држава треба да се бори“, порача Келеминец.
Тој предупреди дека неделниот весник на СНВ „Новости“, од државниот буџет добива 3,2 милиони куни, и истакна дека ги прочитал насловите на неделникот како „Жариме и палиме“ и „Убава наша, убаво гори,“ и оцени дека тоа е поттикнување на предизвикување пожари во Хрватска.
„Бидејќи убаво гори, сега убаво ќе гори и овој весник“, рече Келеминец и го запали примерокот на „Новости“ со таа насловна страница.
Келеминец смета дека во секоја демократска држава ваквите весници би биле забранети, а нејзините автори би биле протерани од земјата.
Тој рече дека Пуповац го поддржуваат и „југофилите кои пред некој ден на Плоштадот на жртвите од фашизмот вееја југословенско знаме со петокраки и знаме на СССР, а ниту едно хрватско знаме“.
Хрватското министерство за внатрешни работи, порача Келеминец, треба да ги одземе југословенските знамиња под кои во Татковинската војна се рушела Хрватска.