29 Април 2022•Ажурирај: 30 Април 2022
ЦЕТИЊЕ (АА) - Пратениците во Собранието на Црна Гора во Цетиње избраа нова влада, додека за премиер е избран Дритан Абазовиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
За избор на новата 43. по ред Влада на Црна Гора гласаа 45 пратеници, а тројца беа против. Пратениците од ДПС (Демократска партија на социјалистите), СДП (Социјалдемократска партија), СНП (Социјалистичка народна партија), УРА (Обединета реформска акција), Бошњачката партија и албанските партии го поддржаа изборот на новата влада. Пратениците на СД беа против. Пратениците на ДФ (Демократски фронт) и демократите ја бојкотираа денешната седница.
За вицепремиерка на Владата за надворешна политика, европски интеграции и регионална соработка и министерка за европски прашања е избрана Јована Маровиќ од УРА. За вицепремиер за економски систем и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Владимир Јоковиќ од СНП, а за вицепремиер за политички систем и внатрешна политика и министер за одбрана, Рашко Коњевиќ од СДП.
Ервин Ибрахимовиќ од Бошњачката партија е избран за вицепремиер задолжен за регионален развој и министер за капитални инвестиции.
Марко Ковач (СНП) е избран за министер за правда, Филип Аџиќ (УРА) за министер за внатрешни работи, Александар Дамјановиќ (СНП) за министер за финансии, Ранко Кривокапиќ министер за надворешни работи (СДП), а Горан Ѓуровиќ (УРА), министер за економски развој и туризам.
Василие Лалошевиќ од СНП е избран за министер за спорт и млади, Мараш Дукај од Албанската алтернатива за министер за јавна администрација, Адмир Адровиќ од Бошњачката партија е избран за министер за труд и социјала, а Миомир Мијо Воиновиќ од СНП, министер за образование.
За министер за здравство е избран Драгослав Шќекиќ од СНП, а за министер за култура и медиуми, Маша Влаовиќ како непартиска личност.
За министер за екологија, просторно планирање и урбанизам е избрана Ана Новаковиќ-Ѓуровиќ (УРА), а за министер за човекови и малцински права, Фатмир Ѓека од Демократската партија.
За министер за наука и технолошки развој е избрана Билјана Шчепановиќ како непартиска личност.
За министри без ресор се избрани Зоран Миљаниќ од ЦИВИС и Адријан Вуксановиќ од Хрватската граѓанска иницијатива.