Fatjon Cuka
15 Февруари 2024•Ажурирај: 16 Февруари 2024
ТИРАНА (АА) - Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Албанија, како дел од неговата прва посета на земјата, јавува Анадолу.
На меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, Блинкен беше пречекан од министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, како и други официјални лица и претставници на американската амбасада во Тирана.
Првично Блинкен ќе се сретне со вработените во американската амбасада во Тирана и со некои млади луѓе.
Потоа американскиот дипломат ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и со премиерот Еди Рама.
По средбата Рама и Блинкен ќе одржат прес-конференција.
На социјалните мрежи министерот Хасани напиша: „Со задоволство му посакувам добредојде на државниот секретар Антони Блинкен на првата официјална посета на Албанија.“
„Стратегиското партнерство и соработка на Албанија со САД, нашиот стар сојузник, само ќе се зајакне, изградена врз цврста основа меѓу нашите земји и народи. Јас сум му исклучително благодарен на секретарот Блинкен за неговата непроценлива поддршка и соработка“, рече Хасани.
За посетата на Блинкен преземени се дополнителни безбедносни мерки во кои се вклучени стотина полициски сили и неколку патишта во Тирана се затворени за сообраќај.
Американскиот Стејт департмент изјави дека секретарот Блинкен ќе ги потврди силните односи со Албанија, која САД ја гледаат како „клучен партнер за стабилноста на Западен Балкан“ и „силен сојузник“ за поддршка на Украина.
Според американскиот Стејт департмент, еднодневната посета ќе се фокусира на иднината на Албанија, Западен Балкан и Европа.