Alma Çekovic
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
САРАЕВО (АА) - „Економските интеграции на регионот на Западен Балкан се во застој, а причините за тоа се првенствено од политичка природа“, изјави денес во Сараево, Расим Љајиќ, потпретседателот на Владата и министер за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќајќи се на учесниците на 9. Меѓународна инвестициска конференција „Сараево - Бизнис-форум“ (СБФ), порача дека ништо подобро не ги одразува напорите од завршувањето на војната, па до денес, да се воспостави заеднички економски простор како назив 9. СБФ.
Тој потсети дека во изминатите 20 години се одржани околу 70 регионални иницијативи, чија главна цел беше да се воспостави политичка стабилност по периодот на воени конфликти и да се создаде заеднички пазар во оваа област.
„Резултатот од сите овие конференции, вложуваните напори, а особено од ЕУ, е Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), договор со кој е дозволен слободен пазар меѓу шесте економии од Западен Балкан. Ми се чини дека листата на успеси завршува овде. Денес и ЦЕФТА е во сериозна внатрешна криза, бидејќи покрај овој слободен прогласен пазар, стоевме во насока на понатамошни економски интеграции кои би воделе до нешто што го имаме во балтичките или нордиските земји“, рече Љајиќ.
Според него, постојат две причини зошто економската интеграција на овој регион е запрена - политички и економски, односно од интерес.
„Политички, бидејќи сé уште се занимаваме со последиците од војните и нерешените прашања од 1990-тите. Постојат многу отворени прашања меѓу земјите од овој регион, од фактот што границите не се решени, до сите прашања кои објективно го отежнуваат воспоставувањето на целосна политичка стабилност во овој регион“, истакна Љајиќ.
Кога станува збор за причините од економска природа, Љајиќ рече дека Србија со членовите на ЦЕФТА има повеќе вонцарински бариери, отколку што има со која било трета земја.
„Зад тоа пак се крие намера со тие протекционистички акции да се заштитат сопствените економии, иако е илузорно вакви мали пазари, со мала популација, да можат со тие намери да обезбедат поголема продуктивност, конкурентност и закрепнување на сопствените економии“, изјави Љајиќ.
Тој посочи дека земјите од регионот се „крајно креативни да измислат нови пречки“, иако едни на други, покрај со ЕУ, се главни надворешно-трговски партнери.
„Не може ништо да го замени овој пазар. Но на ваков начин ја сечеме гранката на која се наоѓаме. Извозот е клучна работа што ќе овозможи закрепнување на нашите економии“, рече Љајиќ, истакнувајќи дека е неопходно да се промени структурата на извозот.
Тој додаде дека економското закрепнување на регионот треба да се базира на инвестициите и вложувањето во инфраструктура.
„Стоиме катастрофално со инфраструктурата. Педесет проценти пониско од просекот на ЕУ кога зборуваме за развојот на инфраструктурата, и би ни биле потребни 33 години, доколку продолжиме со овој степен на вложување, да го достигнеме она што денес го има ЕУ. Според тоа, нашиот избор е да одбереме дали регионот ќе биде зона за конфликти, како во минатото, или ова ќе биде зона на инвестиции. Се надевам дека оваа инвестиција ќе го оправда верувањето дека ова ќе биде регион во кој вреди да се инвестира“, рече Љајиќ.
Сараевскиот Бизнис-форум годинава ги собра претставниците и бизнисмените од 50 земји, давајќи им можност да ги запознаат деловните можности и можностите за инвестирање во Босна и Херцеговина и во земјите од регионот.
Инвестициската конференција „Сараево - Бизнис-форум“ е глобална платформа за промоција на проекти и стопански потенцијали, анализа и подготовки на проекти и соодветна презентација на стопанските потенцијали, како и увезување на стопанственици и инвеститори на индивидуално и институционално ниво. „Сараево - Бизнис-форум“ претставува еден од најголемите и најважните деловни и инвестициски настани во југоисточна Европа.