Övünç Kutlu
04 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Германската Влада е против забраната за увоз на енергија од Русија поради неjзината зависност, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не би се залагал за ембарго на рускиот увоз на фосилни горива. Јас дури и би се спротивставил“, изјави Роберт Хабек, сојузниот министер за економски прашања и климатски активности по состанокот со деловните лидери.
Поради руската војна во Украина, Германија минатата недела ја запре сертификацијата на гасоводот „Северен тек 2“, вреден 11 милијарди долари, кој требаше да го удвои количеството гас од Русија до Германија.
Хабек, сепак, истакна дека забраната за увозот на руските енергенси ќе ја загрози енергетската безбедност на земјата.
„Ни требаат овие енергетски резерви за да ја одржиме стабилноста на цената и енергетската безбедност во Германија“, рече тој.
Нагласи дека Германија „мора да се ослободи“ од увоз на руски фосилни горива, природен гас, јаглен и нафта.
Хабек истакна дека Германија веќе започнала да го чувствува ефектот од санкциите на западните сојузници врз Русија.
„Влијанието на санкциите и војната врз сите сектори на економијата е толку силно што можеме да стравуваме од големо влијание“, рече тој.
Германија минатата година од Русија увезла нафта и природен гас во вредност од 19,4 милијарди евра, што претставува 59 проценти од вкупниот увоз од Русија.