Admir Fazlagic
01 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Од денеска, 1 јануари 2019 година, во Република Македонија во сила стапуваат неколку закони кои се донесени во текот на изминатиот период, јавува Anadolu Agency (AA).
Од денеска во сила стапува Законот за данок на личен доход, според кој се воведува прогресивното оданочување, а се напушта рамниот данок.
Според Законот за данок на личен доход, кој Собранието на Република Македонија го донесе минатата недела, се предвидува задржување на стапката на оданочување од 10 отсто за приходите остварени до 90 илјади денари на месечно ниво, a 18 отсто за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно.
Од денеска за 0,5 отсто се зголемуваат придонесите за здравствено и пензиско осигурување. На лицата родени по 1 јануари 1967 година ќе им се овозможи од вториот пензиски столб (задолжителни приватни пензиски фондови) да се вратат во првиот пензиски столб (задолжителен државен пензиски фонд).
Со овие реформи кои беа промовирани во месец ноември минатата година, според Владата на Република Македонија, дефицитот на Пензискиот фонд од 19 милијарди денари, ќе се намали на 16,9 милијарди денари.
Меѓу другото, за капиталните добивки, наемнините, како и добивките од игри на среќа од годинава предвиден е повисок данок од 15 отсто (наместо досегашните 10 отсто).
Исто така, од денеска во готово ќе може да се плаќа само до 1.000 евра.
Според новиот Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, донесен во месец јуни минатата година, се намалува лимитот за готовински плаќања од сегашните 2.000 на 1.000 евра, а од месец јуни оваа година ќе може да се плаќа само до 500 евра. Контролата на овој закон за правните и за физичките лица ќе ја врши Управата за јавни приходи (УЈП).
Од денес почнуваат да се применуваат и новите правила за пазарите. Според овие измени, вработените и пензионерите нема да можат да имаат тезги, а сите други сопственици на тезги ќе плаќаат придонеси до 2.000 денари.