Bekim Laci
06 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
СКОПЈЕ (AA) - Стопанската комора на Македонија (СКМ) на денешната прес-конференција за Законот за финансиска поддршка на инвестиции порача дека само со државна помош на големите, успешни компании во земјата може да се зголеми бројот на конкурентните, извозно ориентирани производи што ќе ја придвижат економијата, јавува Anadolu Agency (AA).
На редовната неделна прес-конференција, Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија го поздрави усвојувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кој стапи на сила во мај оваа година, велејќи дека Комората и бизнис-секторот побарале такво нешто пред повеќе од десет години.
Таа додаде дека во периодот од 2006 до 2016 година двојно е намалено учеството на индустријата во создавањето БДП, од 32 на 15 отсто, а речиси преполовен е и бројот на конкурентни, извозни производи, од 675 на 461.
Трајковска рече дека ова е првпат Владата да инвестира пари од буџетот како финансиска поддршка на приватниот сектор, за успешни компании, и информираше дека Стопанската комора ќе ги посети компаниите што добија пари согласно законот за да апелира на негова доследна примена.
„Согласно податоците што ги изнесов претходно, за намалување на учеството на индустријата во создавањето на бруто домашниот производ и намалување на бројот на конкурентни производи во последнава деценија, само преку државна помош на големите производствени и успешни капацитети може да се обезбеди производна диверзификација, односно може да се зголеми бројот на индустриски производи што ги создава Република Македонија со конкурентна предност“, изјави Трајковска.
Таа рече дека првите сто компании кои потпишаа договор за поддршка од државата се само почеток на целиот процес, напоменуваќи дека критериумите за добивање финансиска поддршка во законот се јасни и транспарентни, а ги опфаќаат сите фирми што оствариле профит.