Mahmut Atanur
23 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
ЏАКАРТА (AA) - Махмут Атанур -
Пасар Бару, историскиот базар на отворено во Џакарта, главниот град на Индонезија, се истакнува како место на кое заедниците од различни религии и етнички заедници во земјата тргуваат во опкружување во кое владее мир и толеранција, јавува Anadolu Agency (AA).
Основан во 1820 година, Пасар Бару е еден од најстарите трговски квартови во Џакарта. На историскиот базар, каде што Индонезијците веќе со години работат со трговците од Кина и Индија, се одразува спојот на индонезиската, кинеската и индиската култура.
Пасар Бару на локалниот јазик значи „нов пазар“, а познат е и како „мала Индија“, поради големиот број индиски деловни објекти.
Работите на базарот главно одат од колено на колено, од татко на син, а најмногу се изработува и продава текстил, обувки, часовници, подароци и украси.
Овој пазар е едно од најпопуларните места за посета на домашни и странски туристи.
Колекционерот на стари пари, 80-годишниот Пак Сиамасир раскажа дека продава пари кои се стари 60 години од различни земји.
„Порано туристите знаеја да дојдат кај мене за да ги разменат парите. Меѓутоа, со појавата на менувачниците се намали бројот на туристите кои доаѓаат кај мене поради тоа“, рече Сиамсир.
На базарот се наоѓаат 137 работилници.
Во Индонезија, во која живеат околу 260 милиони жители, 87 отсто од населението го сочинуваат муслимани, 10 отсто христијани и 1,7 отсто хиндуси.