Muhammet Nusret Altun
22 Март 2019•Ажурирај: 24 Март 2019
САМСУН (АА) – МУХАМЕД НУСРЕТ АЛТУН -
Емре Вурал, и покрај тоа што е физички хендикепиран од самото раѓање, никогаш не се откажа од животот, но со тоа како живее стана пример за сите, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби.
Дваесет и седумгодишниот Вурал е еден од најважните примери за тоа што може да постигне човекот, само ако посака. Тој и покрај тоа што е болен од Спинална мускулна атрофија (SMA), еден вид болест на мускулите, никогаш не ја изгуби радоста за живеење.
Емре Вурал дипломирал на Одделот за медиуми и комуникација на Универзитетот „Анадолу“, а сега студира спортски науки на Универзитетот „Ондокуз Мајис“.
Тој е ангажиран како менаџер во една медиумска компанија, а исто така е и колумнист во еден локален весник. Исто така игра за националната репрезентација на Турција во бочиа и е член на конгресот на клубот „Трабзонспор“, и на тој начин активен е и во спортот и во социјалниот живот.
Емре Вурал има колекција на дресови од истакнати фудбалери како што се Лионел Меси, Арда Туран, Џенгиз Ундер, Толга Зенгин. Дресовите се потпишани и пратени до него од самите фудбалери.
Вурал кој живее во Самсун, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека неговото семејство и најблиските секогаш го поддржуваат, а токму тоа нему му дава сила. Тој исто така нагласи дека живее живот во којшто никогаш не се откажува и во кој се обидува да го најде доброто, и да прави разлика.
Емре Вурал изјави дека минатата година го освоил второто место на специјалниот турнир во бочиа одржан во Баку, но радоста му била „горчлива“ бидејќи не успеал да го освои златото, за да биде интонирана националната химна на Турција.
„Секој турски државјанин мора да го плати долгот кон својата земја. Некои тоа го прават служејќи војска, некои со тоа што стануваат добри лекари, некои пак, долгот кон својата земја го плаќаат со тоа што стануваат добри поединци. Јас долгот кон мојата земја верувам дека еден ден ќе го платам со освојување на златен медал на Олимпијада“.
Вурал, осврнувајќи се на значењето на спортот бочиа за лицата со посебни потреби, истакна: „Тој е единствена спортска гранка во која може да се натпреваруваат лицата со тешка попреченост. Јас со спортот почнав да се занимавам пред околу 5 години. На почеток беше хоби, но процесот ме однесе на друго место. Во двојки се наоѓам на 2. место во Турција, а поединечно сум 4-ти“.
Објаснувајќи дека неговата постара сестра Фулја боледува од истата болест, Емре рече дека и таа се занимава со бочиа.
„Еднаш бевме конкуренти, таа ме победи и го освои 2. место во Турција. Во оваа куќа стигна сребрен медал, но не во мојата соба, туку во нејзината. Сè додека продолжам да се занимавам со бочиа ќе бидеме конкуренти. На терен не ја препознавам ни ќерката на татко ми“, рече Вурал.
- „Ноќта на 15 јули ми беше жал што сум хендикепиран"
Вурал објасни дека со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се запознале пред околу 9 години.
„Секогаш кога доаѓа во Самсун се среќаваме. Минатата година кога дојде во Самсун за една манифестација на аеродромот разговаравме долго. Мене ми рече: '26 години си хендикепиран. Дали некогаш му се налути на животот, дали се откажа, секогаш ли вака си динамичен?' Јас му одговорив: Никогаш не дозволив мојата попреченост да влијае негативно на мене. Надвор воопшто не се почувствував различно од другите. Но, жалам само за тоа дека ноќта на 15 јули не можев да излезам на улица и да направам нешто“.
Сестрата на Емре Вурал, Фулја Вурал, истакна дека заедно со брат ѝ продолжуваат со тренинзите, многу работат и дека имаат цел да постигнат успеси на меѓународните турнири.
Гамзе Екинџи, тренер на Емре и Фулја, рече дека и двајцата спортисти се решени да постигнат големи успеси во бочиа и дека тоа од нив се очекува.