Aida Cako
30 Септември 2025•Ажурирај: 01 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Поларната светлина позната како аурора бореалис го осветли синоќа небото над Aлјаска, формирајќи спектар од прекрасни бои, јавува Анадолу.
Небото над езерото Бич во регионот Чугијак, Алјаска, беше обоено во зелена и виолетова боја, кога северната светлина се појави во полн сјај.
Природниот феномен, создаден од судирот на сончеви честички со атмосферата на Земјата, се ширеше над хоризонтот и се одразуваше на површината на водата, создавајќи спектакуларна глетка.
Северната поларна светлина е еден од најпопуларните природни феномени и се вбројува меѓу седумте природни чуда на светот.
На северната хемисфера на Земјата таа се нарекува аурора бореалис, а на јужната аурора аустралис.
Феноменот се јавува кога наелектризираните честички од Сонцето влегуваат во атмосферата на Земјата и се судираат со гасовите, како азот и кислород. Овие судири создаваат светлосни ефекти кои можат да се видат во различни бои.