Mustafa Deveci
14 Март 2022•Ажурирано: 16 Март 2022
КИЕВ (АА) - Турски бизнисмен дели бесплатна храна секој ден на речиси 1.000 Украинци во Киев, каде што живее веќе две децении, јавува Агенција Анадолија (АА).
Онур Хеким е по потекло од турската област Измир и има ресторан во главниот град на Украина.
Тој избра да им помогне на жртвите наместо да го напушти градот каде што многу продавници се затворени по војната на Русија против Украина.

Во објавата споделена на социјалните мрежи, тој повика волонтери да подготвуваат оброци во неговиот ресторан за луѓето раселени од војната.
Многу волонтери се пријавија за проектот во кој дневно се хранат 1.000 луѓе.
Во изјава за AА, Хеким рече дека никогаш не помислил да ја напушти Украина дури и кога избила војна во земјата.
„Јас живеам во Киев 20 години, го дишев воздухот на ова место, пораснав со овие луѓе“, рече Хеким.

„За мене нема апсолутно никаква финансиска придобивка, напротив, денес ни е 14-ти ден од дистрибуцијата на храната. Сите трошоци сам ги поднесувам. Ова го правам со задоволство, бидејќи лебот го заработувам во оваа земја веќе 20 години, рече тој.
На местата каде што борбите се интензивни, тој рече дека луѓето ги гушкаат волонтерите кои делат пакети со храна.
„Тоа е неверојатна реакција. Многу ми е тешко да ги опишам овие чувства“, додаде тој.
Откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари, повеќе од 2,69 милиони луѓе побегнале во други земји, според проценките на ОН.
Најмалку 596 цивили се убиени и 1.067 повредени во Украина, додаваат од ОН.
ЕУ, САД и многу други земји воведоа санкции кон Москва, додека многу компании и светски брендови ја прекинаа работата во Русија.