Zehra Nur Düz
12 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на смртни случаи од коронавирусот Ковид-19 во Иран се искачи на 6.733 со нови 48 починати во изминатите 24 часа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во истиот период регистрирани се 1.481 позитивен на вирусот, со што вкупната бројка на дијагностицирани се искачи на 110.767, објави државната иранска телевизија, повикувајќи се на соопштението на Министерството за здравство.
Се истакнува дека досега оздравеле 88.357 пациенти кои се отпуштени од болниците, додека 2.713 пациенти се во критична состојба.
Според Министерството, во земјата се спроведени вкупно 615.477 тестирања за Ковид-19.
Бројот на починати и на дијагностицирани случаи во земјата продолжува да се намалува, додека во главниот град Техеран и југозападната покраина Кузестан забележан е нагорен тренд на заразени со коронавирусот.
Во Иран, една од најмногу погодените земји од Ковид-19 на Блискиот Исток, вирусот најпрво беше откриен во градот Ком на 19 февруари, а потоа се прошири низ целата земја.
Владата одлучи да не наметне состојба на целосна изолација во земјата, како во другите земји, туку ги затвори образовните установи и забрани културни, верски и спортски собири.
Од 11 април, властите во фази дозволија повторно отворање на деловните субјекти кои носат низок ризик за ширење на вирусот.
Владата, исто така, одлучи да ги отвори џамиите во подрачјата со низок ризик, додека училиштата во овие подрачја треба да продолжат со работата на 16 мај.
Откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот се прошири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони во светот.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 286.000 лица низ светот, повеќе од 4,19 милиони се заразени, додека битката со вирусот ја добија 1,46 милиони луѓе во светот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.